Горан СтефановскиБелградскиот неделник Време во најновиот број објави интервју со Горан Стефановски по повод премиерата на неговиот најнов текст „Одисеј“ во режија на Ацо Поповски, за која се надеваме дека во догледно време ќе ја видиме и во Скопје. Во извадоците кои ги пренесуваме тој зборува за талкањето, гордиот Балкан, и разликата помеѓу тоа да бидеш информиран и нешто да сознаеш.

Горан Стефановски е автор на драмата Одисеј, која овој јули премиерно е изведена на Бриони во режија на Ацо Поповски, и веднаш е прогласена за регионален настан на годината. Претставата Одисеј спои шест театри и еден фестивал од бивша СФРЈ, како никој друг пред него. Тоа се: домаќинот, Театар „Улис” од Бриони, белградското Атеље 212, загрепскиот Гавела, Српско народно позориште од Нови Сад, Театар „Навигатор” од Скопје, Словенско народно гледалишче од Марибор и Стеријино позорје.

Во Одисеј се преплетени Хомеровиот еп, распадот на Југославија и тема на стареењето. Одисеј на Горан Стефановски е разочаран воин кој се обидува по завршените судири да се врати дома и на сопствениот живот, кој се сомнева во постоењето на боговите, ги преиспитува семејните вредности и поимите верност, достоинство и чест.

Време: За што е вашата драма Одисеј, како е Одисеевото талкање, кои се неговите патишта и цели?

ГС: Му завидувам на мојот брат Влатко што никој не го прашува за што се неговите песни и која е нивната порака. Некако природно се подразбира дека тој е музичар и дека смислата на неговите песни е во музиката и во начинот на свирење. Зошто тоа не се подразбира и кај нас, писателите? Зошто некако се претпоставува дека ние се занимаваме со праќање пораки и дека нашата работа може да се сведе на краток опис или да се синтетизира во две реченици за еднократна медиумска употреба? Е па не може тоа така! Дозволете дека со оваа драма немавме намера да праќаме пораки, туку да пееме! Една година се занимававме со оркестрирање на крупниот наративен материјал, а не со составување на телеграми.

Време: Како да не ви е пријатно. Не ги сакате интервјуата?

ГС: Не ми годи форматот на интервјуата. Тој по дефиниција е спротвен на книжевната работа. Мојата работа бара прецизност во зборовите, а тешко ми е да бидам прецизен во живи разговори, каде обично се д’тка или шарматно се импровизира. Новинарите воглавно бараат, а често и наметнуваат, кратки искази со „да” или „не”. Не ги сакам прашањата кои во себе веќе го содржат одговорот и на кои не може да се одговори. Некои новинари веќе со своето прашање го испогануваат простор на дискурсот, така што е невозможно воопшто и да се влезе во разговор. Ја знаете веќе онаа анегдота со прашањето: „Дали денес повторно ја тепавте жена ви?”. Прашањето е поставено како завршна стапица од која не можете да се извлечете. Ако одговорите „не ја тепав мојата жена денес”, тоа се уште не значи дека воопшто не ја тепате или не сте ја тепале вчера. Ги сакам неутралните прашања, значи „која е вашата сексуална ориентација”, а не „како е да се биде педер”.

(…)

Горан СтефановскиВреме: Зошто вашиот Одисеј токму сега се враќа од војна? Дали војната заради која вие од Македонија отидовте во Британија е завршена?

Горан Стефановски: Режисерот Ацо Поповски, мој бивш студент, ми предложи да ја работиме темата на Одисеј, која мене многу ме пали. Се навршија 20 години откако почнаа да се водат овие наши војни, таман толку години колку му требале на Одисеј да го затвори кругот на неговите патувања. Мислев дека од мене се очекува драматизација на Хомеровиот еп, па тоа и го направив, и уфрлив пет-шест свои сцени. Мислев дека тоа ќе биде доволно за амбиентална претстава, малку танц, малку Хомер, Но тоа не беше доволно за Ацо. И тој и продуцентите ми рекоа дека моите сцени им изгледаат поинтересно отколку остатокот од материјалот. Требаше, значи, да се почне од почеток и да се напише нова драма. А потоа дојдоа брилијантните актери, ламји кои се нафрлија на материјалот.

Време: Чија беше идејата да соберете актери од различни средини?

Горан Стефановски: Ацо секаде работел со сјајни актери. Но овој пат решил да ги собере неговите омилени актери на едно место и да направи претстава со „дрим тимот”. Значи, смисли да земе десет лавови, да ги стави во циркус и да биде нивен кротител. Но, таквата идеја лесно може кротителот да го чини живот. Тешко е да се излезе на крај и со еден лав, а камоли со десет. Работата на претставата беше комплицирана и напната, но целата работа стана исклучително возбудлива кога енергиите се здружија и кога подземните сили се слеаја во еден единствен театарски вулкан.

Време: Тоа, значи, беше ризичен и неизвесен потфат…

Горан Стефановски: Тоа е секогаш така во театарот. Мојот пријател, Слободан Унковски, режисер, ми вели: „Горане, цел живот произведувам авиони. Ги имам направено многу и голем број од нив имаат полетано. Знам како се составуваат крила, знам која е потребната брзина за авионот да полета, но никогаш не знам дали тој и овој пат ќе полета”. Тоа се големи тајни на креативната работа. Сте правеле пита сто пати порано, но никогаш не сте сигурни дали квасецот ќе порасне и овој пат. Тоа е вон вашата контрола. Тука секогаш е потребна среќа и магија.

Време: Одисеј е симбол, помеѓу другото и на талкањето. Има бројни видови талкања. Какви се Одисеевите талкања во вашата драма?

Горан Стефановски: Ме интересираше прашањето што се случува со акционите херои кога ќе остарат? Замислете го обелениот Џејмс Бонд кој едно утро се загледува во хотелското огледало и по прв пат се прашува – ма кој сум јас, и што всушност правам? Во една сцена во драмата Одисеј гледа заб кој самиот му испаднал. Поимот на талкање е двосмислен и амбивалентен. Талкаат животни, талкаат луѓе, таклаат цели народи, талкаат богови, а талка и историјата. Талкањето може да биде физичко или метафизичко, намерно или принудно, може да биде весело или смртоносно. На талкачите им завидуваме на слободата, но и ги сожалуваме заради таа иста слобода. Луѓето често талкаат во потрага по нивниот идентитет, по приказната за тоа кои се и што се. Притоа смислуваат различни трикови. Нивната изгубеност понекогаш ја претставуваат како постигната цел. Прават лажни мапи за да го оправдаат теренот на кои се изгубиле. Бараат алиби за нивното делување, измислуваат оправдувања за нивните грешки, по секоја цена се обидуваат да обезбедат смисла на нивните животи. Така се случува често авантуризмот да се претставува како принципиелно патување, себичност како стремеж кон повисоки цели, пљачкосување како борба за слобода, напад како самоодбрана, геноцид како свет поход. Сомничеви сме кон талкачите. Како и кон бегалците. Зошто не се дома? Што ги прогонило и изгонило? Ако е домот рај, зошто отишле источно од рајот? Зошто се одметнале?

Време: Дали е тоа и вашето талкање?

Горан Стефановски: Секако. Со години патувам помеѓу Англија и Македонија. Сега скоро од Лондон тргнав со авион за Марибор на премиерата на Одисеј, авионот доцнеше па го промашив летот за Грац, и одеднаш се најдов вон планираното: во мал хотел во близина на минхенскиот аеродром. Тоа нагло ме врати во состојба на духот кој го имав во годините кога беа војните и кога често патував помеѓу Скопје и Лондон, летав преку боишта, а со преседување во Љубљана, во некое преноќиште крај аеродромот. Многу е тешко да се знае кој си во хотел. Се прашуваш каде сум јас тоа, што ме довело тука? На оваа тема пред десетина години ја напишав драмата Хотел Европа. Тажно е и смешно да се гледа како луѓето се препелкаат и се обидуваат да се разбудат од она што Џејмс Џојс го нарекува „ноќна мора на историјата”.

(…)

Време: Зборувате за хотели, авиони…живеете помеѓу два света. Каде ви е подобро, на исток или на запад?

Горан Стефановски: Подобро ми е секаде и никаде. Јас живеам во повеќе светови и помеѓу светови. Зошто множината да ја сведувам на еднина за да би ви дал одговор? Кога бев дете, се случуваше да излезам на прошетка со родителите. Го држам татко ми за една рака, мајка ми за друга. Доаѓаат разин соседи или луѓе кои јас не ги познавам, се наведнуваат, ме гледаат право во очи и прашуваат: „Кого го сакаш повеќе: мама или тато?” Зошто треба да бирам помеѓу родителите за твој ќеф? Тоа истото го прават политичарите кои со мелодрамска буталност нè тераат во обори за стока и нè приморуваат на или-или! Со нас си или против нас, тука си или таму? Можеби и затоа се занимавам со пишување. Затоа што гледам дека постојат нијанси, преливи, двојности, драмски иронии, дупли дна, животни можности помеѓу исклучиви поларитети. Сакам да полагам право и на татко и на мајка и на себе помеѓу нив! Нема едноставен одговор за квадратурата на кругот.

Време: Неколку пати изјавивте дека сте Балканец.

Горан Стефановски: Да, сум, и тоа не би го менувал за ништо друго. Но истовремено се обидувам да сфатам што ми значи тоа. Не ги сакам фундаменталните припадности на било што, не сакам кога работите наводно „се подразбираат сами по себе”. Го сакам Балканот, но како што вели Марија Тодорова, без потреба да бидам горд на него, ниту пак да се срамам. Но ајде малку да бидеме горди. Во Европа илјада години постоел само еден единствен автопат. Помеѓу петтиот и петнаесетиот век постоела само една сообраќајна артерија – Виа Игнација. Тој пат го граделе Римјаните и тој влегувал длабоко низ Балканот и го поврзувал Рим со Константинопол. Се патувало од Рим за Бриндизи, од таму со брод до Драч, па до Охрид и Битола, односно до Хераклеја, а од таму за Солун и Константинопол. Тој пат значи минувал крај куќата на баба ми во Битола. Тоа бил центар на познатиот свет. Историјата меѓутоа се поиграла со тој свет и го турнала на страна и му ставила етикета дека тука се работи за неминлив мрачен вилает. За Битола уште се вели дека тоа е град каде престанува пругата. О глупави и неправедни флоскули! Историчарот Едвард Гибон во 18. век напишал огромна книжурина во која Византија ја свел на зол и мртов свет, каде единствено се развила техника на завера и копање очи. Тој стереотип уште опасно живее. Византија е ставена под тепих и заборавена. Како Атлантида. Цивилизацијата која постоела илјада години одеднаш се претворила во црна дупка и е истисната од свеста на западниот свет. Едвард Саид сјајно пишува за таа колонијална стратегија на ориентализмот. Дина Јорданова во книгите Филм во пламен и Филмови на Балканот прави длабинска анализа на антрополошките последици кои тоа го оставило на балканскиот човек: него го има само кога го набљудува туѓинец, кога е под погледот на господарот. Чекаме некого од страна да ни го овери животот, просветениот странец. Европеецот, да дојде и да пресуди во наша корист. Лесно запаѓаме во стапицата на балканизмите. Ѝ се подметнуваме на Европа онака како што мислиме дека таа сака да не’ види. Се однесуваме егзотично, онака како што замислуваме дека таа нè замислува. Често од комерцијални причини, а понекогаш и несвесно. По навика. По рефлекс.

Време: Би се очекувало дека Балканот ќе го споредувате со домот, со вашиот дом. Кој е вашиот дом?

Горан Стефановски: Некои велат дека домот е таму каде го закачуваш шеширот. На мојот брат Влатко домот му е таму каде што ќе ја приклучи гитарата. Сите го губат домот кога ќе остарат. Мојата жена Патриша, на почетокот на 90-тите, по 18 години живот во Скопје, се врати во нејзината Англија, верувајќи дека се враќа во Итака. Многу се излажа. За време на нејзиното отсуство Маргарет Тачер од корен ја променила државата и општеството, така што тоа не може веќе да се препознае. И тоа онаа Англија која ја сметаме за бастион на стабилниот конзервативизам. Што е останато за овие наши ветрометини каде дуваат безмилосните ветрови на транзицијата? Мојот Одисеј вели дека домот е таму кадешто боли. Мене единствено битно ме интересираат и радуваат и болат вестите од Македонија. Јас со години се мувам по Британија, но ниту многу ја разбирам ниту пак многу ме интересира што се случува во северна Ирска, тоа не е моја работа. Но затоа секоја вечер ги гледам вестите на интернет од дома и читам македонски печат. Домот е таму каде ви се вестите. Таму каде што ве сакаат и таму каде ве мразат.

Време: И што велат вестите од Македонија? Што ни велат тие за денешниот Балкан?

Горан СтефановскиИма една песна од Бертолд Брехт од четири стиха: „Новите антени ги пренесуваат старите лаги, а вистината се шири од уво до уво”. Јас имам 150 дигитални ТВ канали и информации за 100 животи! Она што го немам доволно, тоа е сознание. Ми треба некој тие дигитални информации да ги преведе во аналогно сознание. Мојата жена секое утро на појадок во свечена тишина слуша Би-би-си Радио 4. Добро потковани и добро платени новинари со авторитативен глас вршат трансмисија. Тие во текот на ноќта, додека таа спиела, работеле, собирале и обработувале информации и ги превеле во сознание. Таа слуша како да слуша поп, му верува на тој интегритет. Таков интегритет своевремено кај нас имаа мудрите старци по селата. Постар господин седи во крчма, и вели „дојди Горане, да ти кажам нешто”. И потоа ми шепнува на уво работи кои не се забораваат, затоа што се вистина. Би сакал да верувам дека останало барем малку некаков интегритет во нашите гласови во театарот. Би сакал да верувам дека им шепотиме важни работи на луѓето на уво. И дека тој шепот е понекогаш помоќен од општата медиумска гунгула и викање.

Преводот е преземен од Bookbox, на off.net.

Коментирајте со Фејсбук

Категории: Култура

One Response so far.

  1. [...] Нашиот славен драматург, писател и професор, Горан Стефановски, сепак го прави подобро од [...]